Се бара решение за „Фени“

22.09.2017 14:54

Вицепремиерот Анѓушев и фирмата во негова сопственост се виновни за лошата состојба во „Фени“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму демантираат дека покренале постапка за блокирање на сметките на комбинатот. Менаџментот на компанијата информира дека проблемите се поради ниската цена на никелот. Од Владата велат- се бара решение...

ВМРО-ДПМНЕ не отстапува- вицепремиерот Анѓушев и фирмата во негова сопственост ЕДС имаат вина за лошата состојба во кавадаречки „Фени“. Тврдат дека е доведена во прашање егзистенцијата на илјада луѓе. Се сомневаат дека се испреплетени разни бизнис- интереси.

„Фирмата која го снабдува Фени’ со електрична енергија, ЕДС, а која е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев, веќе ја блокираше сметката на Фени’ Дали притисоците врз фабриката се со цел менаџерскиот тим да се откаже и по багателна сума да го продаде овој комбинат? Дали јавноста ќе биде сведок на скора промена на сопственичката структура со цел да се задоволат нечии бизнис интереси?“- вели Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Од „Енерџи Деливери Солушн“ демантираат дека покренале постапка за блокирање на сметките на „Фени“. Велат дека не сакаат комбинатот да престане да работи.

„Компанијата и натаму својата иднина на македонскиот пазар ја гледа во соработка со успешни и просперитетни компании, во кои несомнено ја вклучуваме и Фени“- велат од ЕДС.

Компанијата од Кавадарци веќе извести дека се соочуваат со проблеми поради ниската цена на никелот. Сметката им е блокирана од банка, па имаат проблеми со дневните плаќања и кон други доверители. Сепак, производните линии се во функција и се исплаќаат плати на вработените. Од Владата, пак, веќе соопштија дека се бара решение за „Фени“.

 

Дијана Ценевска