Истражување

Децата знаат да читаат, но не го разбираат прочитаното

22.09.2017 15:23

Децата од второ и од трето одделение се вешти при препознавање букви и читањето поврзани зборови, но имаат проблем доволно течно да ги прочитаат текстовите за да можат да одговорат точно на прашањата за разбирање- ова го покажува истражувањето на национално ниво, спроведено во мај 2016-та година, на репрезентативен примерок од 8.000 деца. Од МОН најавија соработка со сите засегнати страни...

Ги препознаваат буквите, но не читаат течно. Децата од второ и од трето одделение имаат сериозни проблеми и ниско ниво на разбирање на содржината. Тешко им оди и со основните математички операции.  Ова се резултати од истражувањето на фондацијата „Чекор по чекор“ и на УСАИД. Тестирани се 8.000 ученици на македонски, албански и турски наставен јазик, од сите основни училишта во Македонија. Меѓу причините за лошите резултати на македонските ученици, освен образованието на родителите, посетувањето на градинка и читањето книги во домот, беа посочени и наставниците кои немаат мотив за работа со децата, поради ниските плати.

Од Фондацијата апелираат на професионален  развој и обуки за наставниците. Според нив, во многу училишта се толерираат просветните работници кои не ја извршуваат добро својата воспитно- образовна дејност и со тоа уништуваат цели генерации.

Потребно е и користење интерактивни методи и активности за стимулирање на учениците. Резултатите од Националната студија за јазична и математичка писменост покажуваат дека треба сериозни промени за постигнување на квалитетно образование, согласна и министерката за образование, Десковска.

Истражувањето покажува дека во Македонија доминираат традиционалните методи на настава каде што наставникот е пренесувач на знаењето, а ученикот - пасивен примател и мора да се смени тоа.  

 

Александра Спировска