Раководството на „Санос“ тврди дека компанијата работи успешно

22.09.2017 16:10

„Санос“ работи успешно, лага е дека фабриката има само тројца вработени- тврди раководството на компанијата. Сопственикот негира дека има криминал. ВМРО-ДПМНЕ бара надлежните институции и обвинителството да ги истражат случајот...

Компанијата „Санос“ не е поврзана со перење пари, ниту пак, досега примила денар државна помош или пак, субвенции, изјави директорот на фабриката Славе Распашковски, сопственик на „Санос“ и на фирмата „Унитајерс“ која во 2004-та ја презеде скопската фабрика за автобуси. Петте високотуристички автобуси испорачани за Казакхстан на 21 јули се целосно изработени во САНОС, со агрегати на германски МАН, рече Распашковски, а вредноста на зделката е 777 илјади 975 евра. Оваа испорака е дел од договорот за 71 автобус наменет за казакхстанскиот пазар што го има склучено компанијата Унитајерс, изјави Распашковски.

Што се однесува до бројот на вработени во „Санос“ варирал од 400 до 180 во периодот од 2004-та до 2009-та, рече Расшаковски, а во моментот на влегување на белгиски Ванхол изнесувал 100 вработени од кои најголем дел преминал во новата фабрика во Бунарџик. Во моментов на изработка на новите автобуси работат дваесеттина лица, се ангажираат со различни договори во зависност од потребите, но нивниот бројот ќе се зголемува со пристигнувањето на репроматеријалите и деловите од испорачувачите, најави Распашковски. Реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.Според неа станува збор за матна зделка која треба да биде истражена од надлежните институции. Премиерот Заев не може да располага со државните пари како да се сопственост на неговото семејство, а граѓаните имаат право да знаат на кои фирми тој им ветува државни субвенции, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

„Јавноста со право прашува како е возможно фирма со тројца вработени да направи 70 автобуси. Јавноста со право се прашува како е возможно на ваква крајно сомнителна фирма како „Санос“ Зоран Заев да и ветува државна директна субвенцја изразена во милиони за извоз за кој постои сомнеж дека воопшто се случил“, изјави Бојан Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ.

Завчера Царинската управа официјално потврди дека извршила царинење на 5 нови автобуси, произведени во „Санос“ кои биле наменети за увозник од Казакхстан.

 

Свето Николовски