Почнува кампањата за локалните избори

25.09.2017 08:21

Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13-ти октомври во 24 часот. Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15-ти октомври...

Партиите, коалициите и независните кандидати кои ќе учествуваат на локалните избори што треба да се одржат на 15-ти октомври годинава, од денеска ја почнуваат 20-дневната изборна кампања. Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13-ти октомври во 24 часот.

Со жрепка во Државната изборна комисија беше утврден редоследот во единствената листа на кандидати на гласачките ливчиња за претстојните локални избори. Листи со кандидати за градоначалници и за советници имаат поднесено 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.

Прва на гласачкото ливче ќе биде СДПМ, втора Коалицијата Алијанса на Албанците и НДП, трета ДУИ, четрврта Коалицијата за Битола - ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, петта Коалиција Заедно за Гази Баба предводена од БЕСА, шеста НДМ, седма ВМРО-ДПМНЕ, осма Народно движење на Турците, деветта Алијанса на Албанците, 10-та е ТМРО, 11-та е Демократската парттија на Турците, ГРОМ е 12-ти, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е 13-та, БЕСА е 14-та, ДПА е 15, Левица е 16, ПДП е 17, Сојуз на Роми е 18, а СДСМ е 19-та.

Вчера кандидатите за градоначаници потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Синхоронизирано на различни локации Кодексот го потпишаа и кандидатите за градоначалници во сите општини во Скопје и во целата држава.

Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15-ти октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје.