Лоша агрометеоролошка состојба, најголеми последици во овоштарството
Поради долготрајната суша земјоделските култури се во критична состојба. Влага нема доволно во почвата, врнежите и натаму ќе изостнуваат, а системите за наводнување нема голема корист зашто зафаќаат само мал дел од површините. Најголеми последици ќе има во овоштарството и според експертите ќе се чуствуваат и следната сезона...

Голема суша го погоди македонското земјоделство. Отсуството на врнежи и во изминатиот период е најголемиот проблем со кој се соочуваат земјоделските производители.
Сите есенски активности се поврзани со влажноста во почвата која во овој момент ја нема доволно тврдат од управата за хидрометеоролошки работи.
Загриженоста е поголема и поради тоа што прогнозите за наредниот период предвидуваат слично време без врнежи. Сѐ уште нема ни поволни услови за почеток на сеидбата на раните есенски култури. Единственото добро е тоа што барем дневните температури ќе бидат поумерени и добредојдени за прибирање на останатиот дел од родот од годишната реколта.
Од сушата штети имаат сите видови земјоделски култури кои даваат намалени или воопшто немаат приноси, а и она што ќе роди е со послаб квалитет, особено кај оние површини кои не се покриени со системите за наводнување.
Методија Трајков
