Германија: Меркел е канцелар и во наредните четири години

25.09.2017 10:42

Ангела Меркел ќе биде канцелар на Германија и во наредите четири години. Во 19-тиот состав на Бундестагот за прв пат влегуваат и ултрадесничарите. Еврејските заедници повикаа на бојкот на партијата „Алтернатива за Германија“. На парламентарните избори гласаа 61, 5 милиони граѓани.

Иако Ангела Меркел си обезбеди четврти мандат како канцелар на Германија, нејзината победа на изборите е засенета од прогресот на ултрадесничарите, кои станаа третата најголема политичка сила во земјата. Со освоени 13% од гласовите, антимигрантската „Алтернатива за Германија“ е првата расистичка партија која влегува во Бундестагот по Втората светска војна. Незадоволни и загрижени од прогресот на партијата, стотици демонстранти излегоа во Берлин. Еврејските заедници повикаа на бојкот.

„Многу е лошо што АФД доби толку многу гласови. Омразата не е решение за ниеден проблем. Бегалската криза е една од главните прашања. Мислам дека многумина гласаа за за нив токму поради тоа.“

„Не можам да разберам како ги избраа нив. Не се чувствувам безбедно овде.“

„Мерки на претпазливост има и во Холандија, Франција, Австрија и Британија. И тие се со ист проблем. Повеќето велат дека странците се виновни, а другите ги слушаат.“

Демохристијаните на Меркел добија поддршка од околу 33% од гласачите, што е најлош резултат за ЦДУ од 1949 година.

„Сакаме да ја одржуваме силната Европска унија и да направиме темелна анализа  зошто АФД добија толкава поддрпка. Стратегиската цел е остварена. Без нас не може да се формира влада, а ние повторно добивме одговорност да го направиме тоа. Мораме да ги продолжиме економските реформи. Сакаме да се бориме против илегалната миграција и причините за истата. Ќе направиме се да ја зачуваме внатрешната безбедност“, изјави Меркел.

В понеделник Меркел најави разговори со потенцијалните партнери за формирање на кабинетот којшто ќе го предводи по четврти пат како канцелар на Германија.

И Централнолевичарските Социјалдемократи на Мартин Шулц поминаа со лош резултат. Освоија само 21 % од гласачите.  Лидерот на СПД вети дека ќе ја предводи опозицијата и најави излез од големата коалиција на Меркел.

„Ова е тежок и горчлив ден за германските социјалдемократи. Доживеавме пораз на изборите. Но, ќе се бориме да ги оствариме сите предизборни ветувања и вредности“, изјави Мартин Шулц, лидер на СПД .

Во 19-ти состав на Бундестагот влегуваат и пратеници од Левицата, наследничка на некогашните источногермански комунисти, партијата на Зелените, како и Либералите. Германскиот гласачки систем е меѓу најсложените во Европа. Се комбинираат предностите на директната и пропорционалната политичка репрезентација, а изборите се одржуваат на четири години.

 

Маја Филдишев