Меркел ќе ја води Германија и во наредните четири години
Ангела Меркел ќе ја води Германија и во наредните четири години, но овој пат во Бундестагот влегуваат и ултрадесничарите од „Алтернатива за Германија“. Нивното пласирање на третото место на парламентарните избори предизвика серија протести и повик за бојкот од Еврејската заедница. На второ место се Социјалдемократите на Мартин Шулц кои, како и партијата на Меркел, поминаа со лош резултат.

Иако Ангела Меркел си обезбеди четврти мандат како канцелар на Германија, нејзината победа на изборите е засенета од прогресот на ултрадесничарите, кои станаа третата најголема политичка сила во земјата. Со освоени околу 13% од гласовите, антимигрантската „Алтернатива за Германија“ е првата расистичка партија која влегува во Бундестагот по Втората светска војна.
„Сакаме да си ја вратиме земјата, тоа го читавте и на постерите од кампањата. Жалам, ама имаме избор, сакаме поинаква политика. Милион странци дојдоа во Германија и преземаат делови од неа. Нашата партија не го сака тоа“, изјави Александер Гауланд, претседател на АФД.
Незадоволни и загрижени од прогресот на екстремните десничари, стотици граѓани во Берлин излегоа на протест. Еврејските заедници повикаа на бојкот.
„Многу е лошо што АФД доби толку многу гласови. Омразата не е решение за ниеден проблем. Бегалската криза е една од главните прашања. Мислам дека многумина гласаа за за нив токму поради тоа.“
„Не можам да разберам како ги избраа нив. Не се чувствувам безбедно овде.“
Конзервативниот блок на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанската социјална унија (ЦСУ) на Меркел доби поддршка од околу 33% од гласачите, што е најлош резултат од 1949 година.
„Сакаме да ја одржуваме силната Европска Унија и да направиме темелна анализа зошто АФД добија толкава поддршка. Остварена е стратегиската цел. Без нас не може да се формира влада, а ние повторно добивме одговорност да го направиме тоа. Мораме да ги продолжиме економските реформи. Сакаме да се бориме против илегалната миграција и причините за истата. Ќе направиме се да ја зачуваме внатрешната безбедност“, нагласи Меркел.
И Социјалдемократите на Мартин Шулц поминаа со лош резултат. Освоија само 21 % од гласовите.
„Ова е тежок и горчлив ден за германските социјалдемократи. Доживеавме пораз на изборите. Но, ќе се бориме да ги оствариме сите предизборни ветувања и вредности“, изјави Шулц.
Во 19. состав на Бундестагот влегуваат и пратеници од Левицата, наследничка на некогашните источногермански комунисти, партијата на Зелените, како и Либералите. Германскиот гласачки систем е меѓу најсложените во Европа. Се комбинираат предностите на директната и пропорционалната политичка репрезентација, а изборите се одржуваат на 4 години.
Маја Филдишев
