Спасовски: МВР не смее да се користи за целите на партиските штабови

25.09.2017 14:55

Сите треба да бидат партнери, а ние ќе ја заштитиме веродостојноста на изборите, порача министерот за внатрешни, Спасовски.

Партиите да не ги злоупотребуваат полицајците во изборниот процес. МВР не смее да се користи за целите на партиските штабови- изјави ресорниот министер Спасовски. Сите треба да бидат партнери, а ние ќе ја заштитиме веродостојноста на изборите, порача Спасовски.

„Заврши времето кога просториите на МВР се користеа за партиски штабови, кога возилата на МВР се користеа за пропаганда. Најстрого ќе биде санкционирано какво било злоупотребување на човечки или материјално- финансиски ресурси во текот на изборниот процес, освен за полициската работа која значи одржување на јавниот ред и мир, обезбедување на сите митинзи што ќе се одржуваат од политичките партии до одржувањето на изборите, за да се обезбеди безбеден изборен ден“, истакна Спасовски.

Министерот ги повика политичките лидери да бидат во функција на фер и демократски избори и порача дека секој случај што ќе биде прекршување на принципите ќе биде најстрого санкциониран. Информира дека МВР се подготвува интензивно и дека веќе е формиран штаб за подготовка на овие локални избори.

Ние сме подготвени да го заштитиме изборниот процес, но партнери во тоа мора да бидат и граѓаните и политичките субјекти- вели министерот Спасовски.