ЕЛЕМ ќе настојува да набави сопствена механизација за ископ на јаловина и на јаглен

25.09.2017 15:22

Изработената физибилити студија покажала дека за набавка на сопствена механизација, ЕЛЕМ треба да потроши околу 64 милиони евра, односно за почеток би биле потребни околу 24 милиони евра, вели Миновски.

Менаџментот на ЕЛЕМ ќе настојува што поскоро да набави сопствена механизација неопходна за ископ на јаловина и на јаглен, со што ќе нема потреба за таа цел да се ангажираат надворешни компании за што се плаќаат високи износи кои со сериозен процент учествуваат во регулираната цена на електричната енергија.

„Вкупните трошоци за ископ на јаглен и на јаловина од надворешни фирми и ангажирањето помошна механизација, истотака од надворешни фирми, влијаат на регулираната цена на електричната енергија во просек, за изминатите години од 2012 до 2017, со околу 20%, односно 8 евра за мегават час произведен од ЕЛЕМ, а во моментов регулираната цена е 41 евро“, изјави Драган Миновски, претседател на УО на АД ЕЛЕМ.

Според Миновски, во периодот 2012- август 2017, вкупните трошоци за ангажирање механизација за ископ на јаглен и јаловина како и за ангажирана помошна механизација преку надворешни фирми достигнале 212 милиони евра, а во периодот 2000-2005-та изнесувале 38 милиони.  

Изработената физибилити студија покажала дека за набавка на сопствена механизација, ЕЛЕМ треба да потроши околу 64 милиони евра, односно за почеток би биле потребни околу 24 милиони евра, вели Миновски.

Предуслов за домаќинско работење е намалувањето на трошоците, а само на последниот тендер за ископ биле добиени цени со кои што се заштедуваат околу 7 милиони евра.

Ремонтите во РЕК Битола се очекува да завршат до почетокот на ноември, вели Миновски, кој очекува годинава ЕЛЕМ да произведе најмногу 3.600 гигават часови електрична енергија.

 

Свето Николовски