Кандидатите за градоначалници на неколку скопски општини од ВМРО-ДПМНЕ ги претставија програмите
Продолжување на почнатите проекти и серија нови- кандидати за градоначалници на неколку скопски општини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ги претставија програмите пред жителите...

„Урбанистичкиот хаос во општината Центар мора да престане, а една од првите работи која ќе биде направена по преземањето на власта е привремено стопирање на издавање нови дозволи за градба“- рече кандидатот за градоначалник, Дејан Јовановски. Додаде дека меѓу приоритетите ќе бидат и зеленилото, хигиената и регулирање на сообраќајни инфраструктурни решенија.
Кандидатот за градоначалник на општината Аеродром, Ивица Коневски, изборната кампања ја почна во населбата Острово. Вети дека оваа населено место ќе биде побезбедно за живење. Воведување автоматски систем за наводнување, поставување нови зелени површини, се проектите од програмата за наредните четири години, најави Коневски. Рече дека се планира и поставување подземни контејнери низ целата општина. Како еден од позначајните проекти за наредните четири години е целосната реконструкција на коловозот на улицата „23-ти октомври“, за поголема безбедност на учениците.
„Нашата кампања ќе биде позитивна, со програма и дела лично за сите граѓани на општина Кисела Вода, од најмал до најстар“- најави кандидатот за градоначалник Јохан Тарчуловски. Ветува реализација на проекти за развој на сите делови на општината. Со проектите од изборната програма, како што наведе, Кисела Вода ќе стане модерна и мултифункционална општина.
Тарчуловски обвини дека на првиот ден од изборната кампања е искршен штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода. Го осуди демолирањето и изјави оти се надева дека станува збор за изолиран случај, а вандалскиот чин не е направен од политичките опоненти.
Ана Јосифоска- Тодоровска
