Локални избори 2017: Партиите на митинзи и средби со граѓани
Коалицијата предводена од СДСМ вечерва централен митинг ќе одржи во Гевгелија, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има закажано митинзи во Виница и Кочани...

Партиите, коалициите и независните кандидати кои учествуваат на локалните избори што треба да се одржат на 15-ти октомври, денеска ќе одржат митинзи и средби со граѓани низ повеќе градови и населени места.
Владејачката СДСМ и коалицијата „Живот во Македонија“ за денеска најави митинзи во Дојран, Валандово, Богданци и во Гевгелија. СДСМ вчера стартуваше со изборните митинзи од Битола.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за денеска најави митинзи во Виница и во Кочани, а претходно ќе ги посети населените места Чешиново-Облешево и Зрновци. Вчера опозициската коалиција „За подобра Македонија“ традиционално кампањата и за овие локални избори ја почна во Охрид.
Со слоганот „Заедно“, на локалните избори ДУИ ќе ги бара гласовите од гласачите. За денеска најавуваат митинзи во Долнени, Пласница, Дебреште и Црнилиште.
БЕСА ја почна кампањата од Тетово, Алијансата на Албанците од Гостивар, додека ДПА денеска најавува митинг во Житоше.
Вчера почна изборната кампања за претстојните локални избори, а ќе трае до 13-ти октомври. Листи со кандидати поднесоа 19 партии и коалиции, 62 се од група избирачи. Првиот круг гласање за градоначалници и советници ќе се одржи на 15-ти, а вториот на 29-ти октомври.
Според правилникот што го подготви јавниот сервис, извештаи за изборните настани ќе се емитуваат во попладневните изданија на дневниците.
