АВРМ ќе информира за примената на Законот за стечајци

26.09.2017 10:59

Со Законот за стечајните работници, кој неодамна го донесе Собранието, се овозможува околу 3 илјади лица да добиваат месечен надоместок од по 7.596 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето плата во минатата година.

Агенцијата за вработување на прес- конференција денеска ќе информира детално за примената на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.

Со Законот за стечајните работници, кој неодамна го донесе Собранието, се овозможува околу 3 илјади лица да добиваат месечен надоместок од по 7.596 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето плата во минатата година.

Годишно за таа намена од буџетот на Агенцијата ќе бидат обезбедени околу 300 милиони денари.

Надоместокот може да го користат невработени жени на возраст од најмалку 52 години, односно 55 години за мажи, со најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а работниот однос во нив да им престанал по основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30-ти јуни годинава.

Според Законот, лицата треба да имаат остварено право на паричен надоместок по 1-ви јануари 1995-та година, а по остварувањето на правото на паричен надоместок да не биле вработени на неопределено време, односно работниот однос да не им престанал по нивна волја или вина.