Повторно одложено судењето за случајот „Тврдина 2“

26.09.2017 12:41

Судењето за случајот „Тврдина 2“ во кој обвинети се поранешниот началник на петтата управа во МВР, Горан Грујевски и уште шестмина вработени во Управата, денеска повторно беше одложено и презакажано за 2-ри октомври. До судот и до СЈО, сѐ уште не било доставено известување од МВР дека е распишана потерница за Грујевски, кој е во бегство. Обвинителите најавија дека ќе побараат на Грујевски да му се суди во отсуство...

Повторно одложено судското рочиште за „Тврдина 2“. Судот чека известување од МВР за тоа дека е распишана потерница за Горан Грујевски, првообвинетиот во овој случај. Известување не добило ниту Специјалното јавно обвинителство.

Обвинителите на СЈО најавија дека откако ќе им биде доставен допис од Одделот за потраги во Министерството за внатрешни, од судот ќе побараат на обвинетиот Грујевски да му се суди во отсуство.

Петмина обвинети во повеќе случаи од Специјалното обвинителство побарале да им се вратат пасошите. СЈО одговорило негативно.

„Имаме пет обвинети лица кои бараат да им се укинат мерките и да им бидат вратени пасошите. Од наша страна беше дадено негативно мислење, од причина што не е дојдено до промена на ниту една околност во која тие мерки беа определени и не постои законски основ за пасошите да им бидат вратени во овој момент“, изјави обвинителката Ленче Ристоска.

„Повеќе од 25 дена поминаа откако го доставивме предлогот. Сѐ уште нема одговор од страна на судот. Јас очекувам судот да постапи на идентичен начин како што постапи со предлогот за враќање на патна исправа по основ на определена мерка на претпазливост за господинот Зоран Заев, бидејќи во предлогот се повикуваме на истите оние основи, на кои што беше повикан во својот предлог и во барањето, господинот Зоран Заев“, изјави адвокатот Љупчо Шврговски.

Адвокатите Шврговски и Василев информираа дека ги добиле обвиненијата за нивните клиенти и поднеле приговори. Сѐ уште чекаат оценка од судот.

Кривичниот суд потврди дека му е одреден 30- дневен притвор на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, за случајот „Титаник“.

Наташа Гркова- Петрушевска