Обама: милијарда долари за заштита од климатските промени
Американскиот претседател Барак Обама предложи создавање на фонд од милијарда долари за намалување на последиците од климатските промени во САД и претстави програма за финансирање на борбата против сушата што ја зафати Калифорнија.

Претседателот на САД ја посети областа Централна долина и се сретна со земјоделците кои го загубија добитокот и чија некогаш плодна земја сега е исушена.
- Буџетот што идната недела ќе го доставам до Конгресот вклучува и милијарда долари фонд за нови технологии и помош на заедниците да се подготват за климатските промени, изјави Обама.
Обама истакна дека Калифорнија се соочува со една од најсушните години во овој век. - Моментално речиси 99 отсто од Калифорнија се соочува со поголема суша од нормално, нагласи Обама.
Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни претходно изрази согласност дека климатските промени веќе имаат забележливо влијание на климата во Америка.
Обама, исто така, вети дека ќе издвои 100 милиони долари за сточарите кои ги загубиле своите говеда и дополнителни 15 милиони долари во случај на потреба за помош на областите зафатени со сушата во Калифорнија, Колорадо, Небраска, Ново Мексико, Оклахома и Тексас. Дополнителни пет милиони долари ќе бидат наменети за итна заштита на речните сливови во Калифорнија.
