Димитров и Кундерс потпишаа Декларација за партнерство и соработка меѓу Македонија и Холандија

26.09.2017 14:31

Потпишувањето на овој документ претставува потврда за цврстата и недвосмислена поддршка на Холандија за реформските активности на македонската Влада и дополнителен поттик за остварувањето на стратешките определби на Република Македонија – отпочнување пристапни преговори со Европската Унија и членство во НАТО, соопштуваат од МНР.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров и неговиот холандски колега Берт Кундерс, денеска во Хаг потпишаа Декларација за партнерство и соработка меѓу Република Македонија и Кралството Холандија.

Потпишувањето на овој документ претставува потврда за цврстата и недвосмислена поддршка на Холандија за реформските активности на македонската Влада и дополнителен поттик за остварувањето на стратешките определби на Република Македонија – отпочнување пристапни преговори со Европската Унија и членство во НАТО, соопштуваат од МНР.

„За кратко време покажавте големо лидерство во враќањето на Македонија на европскиот пат“ – изјави Кундерс по самото потпишување на Декларацијата, на што неговиот колега Димитров возврати: „Нѐ охрабрува што Холандија, земја што толку високо го поставува владеењето на правото, ја препозна нашата цврста решеност да изградиме вистинска европска демократија во Македонија“.

Преку Декларацијата двете земји ќе продолжат со унапредувањето на заемната соработка за промовирање на доброто владеење, владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата, основните човекови права, независните медиуми и социјалната кохезија.

Македонија и Холандија ја потврдуваат и заемната заложба за интензивирање на размената на искуства и зајакнување на соработката во одбраната и безбедноста, со цел подигнување на нивото на подготвеноста на Република Македонија за стекнување полноправно членство во НАТО, но и за справување со безбедносните предизвици како што се организираниот криминал, верскиот екстремизам и нелегалната миграција.

Со денешното потпишување на оваа Декларација и Холандија се вброи во групата докажани европски демократии кои преку политичка изјава или декларација, јасно и недвосмислено ја искажаа својата поддршка за активностите на Владата насочени кон спроведување суштински реформи и враќање на европската и евроатланската перспектива на земјата.