Груевски: Нема да се спасат од референдумот на народот и новата ера за Македонија

26.09.2017 16:38

На 15-ти октомври граѓаните да кажат што мислат за хаосот и безредието што ѐ се случуваат на Македонија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од митингот во Охрид. Рече дека неговата партија има документ кој ќе донесе успеси. Кандидатот за градоначалник, Митко Тилевски со ветувања за подобар живот...

Можеби со драконски и незаконски владини забрани нашите опоненти ќе се спасат од референдумите за мигранти, но нема да се спасат од референдумот на народот и новата ера за Македонија што доаѓа. Охриѓани ќе ја искористат шансата да го одберат Митко Тилевски за градоначалник, а истовремено имаат можност на 15-ти октомври да кажат што мислат за хаосот и безредието што и се случуваат на Македонија, порача од Охрид претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од кадешто Коалицијата „За подобра Македонија“ ја стартуваше изборната кампања.

Груевски го претстави документот кој го нарече нова визија за успеси на Македонија. За наредната декада предвидува отворање на нови 150 илјади работни места, намалување на невработеноста под 10 % и раст на економијата - 4 насто од БДП. Најави најниски даноци, намалување на сиромаштијата и декада во која приходот по глава на жител, наместо досегашните 5 илјади долари, ќе порасне на повеќе од 12 илјади долари. Во изборната програма на Коалицијата се предвидува и 6 отсто од БДП да се издвојува за образованието, а наредните години барем еден македонски универзитет да влезе меѓу првите 200 во светот според рангирањето на шангајската листа. Груевски зборуваше и за изградба на енергетски капацитети, најавувајќи дека нашата земја од нето увозник, ќе се претвори во нето извозник на електрична енергија. Кампањата која се води под слоганот „Новата ера почнува“ промовира раст на платите, пензиите, субвенциите за земјоделците. Охрид ќе стане, рече Груевски, првата општина којашто ќе изгради социјални станови за ранливите категории.

Освен булеварот Туристичка, ќе се реконструира и улицата Абас Емин, која е една од главните сообраќајници во Охрид. Ќе се гради велосипедска патека од Охрид до Свети Стефан како и нови игралишта во селото Елшани, Долно коњско и Пештани. Ќе се реконструираат и соблекувалните и трибините на стадионот Биљанини извори и ќе се прошируваат капацитетите на градинките Росица, Развигорче и Лихнида. Охридската гимназија ќе добие  нов мебел, а општината ќе набави возила и нова опема за противпожарната бригада. 

Кандидатот за градоначалник Тилевски барајќи ја поддршката од своите сограѓани најави субвенционирање на дел од патните трошоци на просветните работници кои патуваат до своето работно место. Бесплатна здрава храна за учениците од прво до петто одделение, реконструкција и санација на културно-историските знаменитости.

Напомена дека остварувањето на долгорочен економски раст, зголемувањето на конкурентноста и вработеноста како и подобрувањето на животниот стандард на охриѓани ќе бидат приоритети на идната локална самоуправа.

„Со пенкалото се одлучува за нашиот Охрид. Со мисија да се фокусираме кон проблемите и да не се откажеме од вербата, без предавање и повлекување. Со посветеност и достоинство – сите заедно сплотени кон новата иднина за Охрид“, рече на митингот кандидатот на нов градски татко.

 

Анита Димитријевска