Трамп е против независна Каталонија

27.09.2017 10:26

Американскиот претседател е против независна Каталонија. Средба имаше со шпанскиот премиер Рахој во Белата Куќа. Меѓу главните прашања за кои дискутираа беше и проблемот со Северна Кореја.

Претседателот на САД, Доналд Трамп и шпанскиот премиер Маријано Рахој по средбата во Белата куќа, одржаа прес-конференција на која двајцата се согласија дека се против независност на Каталонија.

„Шпанија е голема земја и треба да остане обединета. Ова се случува со векови. Никој не знае дали ќе се гласа. Мислам дека претседателот ќе каже дека нема да се одржи гласањето. Народот ќе се спротивстави. Лично сметам дека Шпанија треба да остане цела“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

„Не може да има валиден демократски референдум со гаранции, со минимални гаранции. Ова само создава поделба, тензија, и не е во прилог на граѓаните. Јас сакам да влеземе во нова етапа каде што ќе преовладува владеењето на правото, дијалогот и разумот“, рече шпанскиот премиер, Маријано Рахој.

Покрај каталонскиот референдум за независност, теми на билатералната средба во Вашингтон беа и проблемот со тероризмот, Венецуела и Северна Кореја. Трамп изрази сочувство за сите жртви во минатомесечниот напад во Шпанија и вети поддршка за борбата против тероризмот. Во однос на корејската криза, Белата куќа потврди дека Пентагон е подготовен за воена интервенција доколку биде потребно. САД воведоа нови санкции за осум севернокорејски банки и 26 банкарски раководители.

Маја Филдишев