Во Сирија 140 илјади загинати досега

15.02.2014 18:50

Сирискиот центар за набљудување на човековите права денеска објави дека бројот на загинати во конфликтот во Сирија достигнал 140.000 лица, јави ДПА.

Според про-опозициската организација, која го следи развојот на граѓанската војна во Сирија, меѓу убиените има 71.141 цивили и бунтовници, 8.972 екстремисти и борци поврзани со Ал Каеда, 33.591 загинати од силите на режимот и 2.837 непознати жртви.

Групата, која своите податоци ги базира на активисти на терен, наведува дека од почетокот на овој месец се убиени 3.400 лица.

Според организацијата, тоа покажува зголемување на насилствата, наспроти мировните преговори меѓу власта и опозицијата во Женева.

ОН во јануари објави дека прекинува со броење на жртвите во Сирија поради недостигот на доверливи извори на информации.