Локални избори 2017: Трет ден кампања

27.09.2017 10:58

Продолжува партискиот карван за локалните избори што се одржуваат на 15-ти и 29-ти октомври. СДСМ е во Студеничани, Кисела Вода и Аеродром, ВМРО-ДПМНЕ е во Неготино и Кавадарци, ДУИ е во Шуто Оризари и Бутел, а БЕСА е во општина Чаир.

Партиите, коалициите и независните кандидати кои учествуваат на локалните избори закажани за 15-ти октомври и денеска, на третиот ден од кампањата, ќе одржат митинзи и средби со граѓани низ повеќе градови и населени места.

Коалицијата предводена од СДСМ- „Живот во Македонија“ ќе има средби со граѓани во Студеничани и Сопиште, а митинзи во Кисела Вода и Аеродром, додека коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе одржи средби со граѓани во Демир Капија, Градско и Росоман и митинзи во Неготино и Кавадарци.

ДУИ денеска е на средби со граѓани во Шуто Оризари и Бутел, додека БЕСА е во општина Чаир.

Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13-ти октомври во 24 часот. Изборите ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје.