Трамп против Каталонскиот референдум

27.09.2017 12:58

Вашингтон отворено застана зад обединета Шпанија. Референдумот за Белата Куќа е нелегален. Централната власт во Мадрид ѝ наложи на регионалната полиција во Каталонија да ги заземе гласачките места за референдумот за независност што треба да се одржи на 1-ви октомври.

Претседателот на САД Доналд Трамп и шпанскиот премиер Маријано Рахој по средбата во Белата куќа, одржаа прес-конференција на која двајцата се согласија дека се против независност на Каталонија. Гласањето е закажано за први октомври.

„Шпанија е голема земја и треба да остане обединета. Ова се случува со векови. Никој не знае дали ќе се гласа. Мислам дека претседателот ќе каже дека нема да се одржи гласањето. Народот ќе се спротивстави. Лично сметам дека Шпанија треба да остане цела“, изјави претседателот Трамп.

„Не може да има валиден демократски референдум со гаранции, со минимални гаранции. Ова само создава поделба, тензија, и не е во прилог на граѓаните. Јас сакам да влеземе во нова етапа каде што ќе преовладуваат владеењето на правото, дијалогот и разумот“, рече премиерот на Шпанија, Маријано Рахој.

За разлика од нив, основачот на Викиликс Џулијан Асанж го поддржува планот за отцепување од Шпанија. Им се обрати на стотици демонстранти во Барселона преку видеолинк, порачувајќи им дека другите земји следат дали ќе успеат да го спроведат референдумот за независност.

„Каде и да тргне Каталонија, другите ќе ја следат“, нагласи Асанж.

Официјален Мадрид и Уставниот суд го суспендираа референдумот. Полицијата веќе уапси неколкумина службеници од министерствата. Конфискуваше милиони гласачки ливчиња за да го спречи одржувањето на референдумот. Затворени се и интернет- страниците кои ги информираа граѓаните за гласањето.

 

Маја Филдишев