Груевски: Народот ја гледа разликата

27.09.2017 16:44

„Народот ја гледа разликата меѓу нив и нас, и затоа граѓаните ќе ја казнат погубната политика на власта“. Груевски со порака од митингот во Кочани. Ги повика да ја одберат „новата ера“...

На 15-ти октомври граѓаните масовно ќе го дадат својот глас за Коалицијата „За подобра Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа ќе се стави крај на ова помрачување во кое живее нашата држава и народ во изминатите четири месеци, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митингот во Кочани. Пред граѓаните рече дека ветувањата на власта се „ветер и магла“. Нема 500 евра плата, ниту еден километар од ветените 500. Ја стопираа изградбата на автопатите, ја намалија просечната плата, не донeсоа ниту една странска инвестиција, пензиите останаа исти. Народот ја гледа разликата меѓу нив и нас, ние го реализираме ветеното и затоа граѓаните, како што рече Груевски, на овие локални избори ќе ја казнат погубната политика на власта и ќе одберат нова ера за Македонија.

Груевски на митингот говореше за тоа што е сработено во Кочани, но и за новите проекти кои предвидуваат поголем развој на градот. Рече дека во инфраструктурни проекти се инвестирани 60 милиони денари, реконструирано е средното училиште, изградена е атмосферска канализација вредна 100 милиони денари. Почна со градба експресниот пат Кочани- Штип чија изградба ја спречи оваа власт, а во изградба е и браната Речани, капитален проект вреден 36 милиони евра.

Ја бараме вашата поддршка за нов мандат на градоначалникот Ратко Димитровски, затоа што заедно успеавме да донесеме странски инвеститори кои отворија нови работни места и донесоа економски развој на градот.

За наредните четири години, заедно со моите советници ги изработивме најголемите проекти кои ќе придонесат за развој на општината, заживување на економијата и нови вработувања. Вака кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Димитровски им ја претстави на сограѓаните визијата за тоа како треба да изгледа Кочани во годините што доаѓаат. Ја побара поддршката од нив за нов мандат и најави изградба на инфраструктура, гасификација на градот, нови улици.

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ претходно одржа митинг во Виница. Пред граѓаните беше презентирана новата програма за развој на градот под мотото „Секогаш работа, секогаш Македонија“. Нудиме реални и конкретни проекти, ќе го поддржиме секој проект на граѓаните за поефикасна општина, ќе донесеме економски развој и нови вработувања, вети пред граѓаните кандидатот за градоначалник Мартин Павлов и советниците. На 15-ти октомври, рече Павлов, го бараме вашиот глас за да ги спречиме штетните политики затоа што иднината на Македонија зависи од нас.

На митингот во Виница говореше носителот на советничката листа и коалиционите партнери. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски рече дека во Виница индустриската зона речиси е наполнета со нови фабрики кои отвориле нови работни места. Груевски порача дека така ќе се работи и во новата ера, со новиот документ, со новото враќање на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на власт.

 

Викторија Милевска