Заев: Промените во Македонија почнаа, нема враќање назад

27.09.2017 16:47

Квалитетна инфраструктура, чиста вода и воздух, како и повеќе пари во општините. Лидерот на Социјал-демократскиот сојуз со пораки од Гевгелија. Рече дека имаат визија и план за живот во оваа општина.

Промените во Македонија почнаа, нема враќање назад, Македонија мора да ја направиме држава со перспектива за сите граѓани- порача лидерот на Социјал-демократскиот сојуз, Зоран Заев на митингот во Гевгелија. Според него, за три ипол месеци се скратени 45 милиони евра, пари што се враќаат на граѓаните. Решен е проблемот на три илјади стечајци, 70 илјади работници ќе добиваат минимална плата од 12 илјади денари, а радиодифузна такса повеќе нема да се плаќа.

Рече дека Социјал-демократскиот сојуз и коалицијата имаат визија и план за живот во Гевгелија. Програмата се темели на четири столба, квалитетна инфраструктура, чиста вода и воздух, како и повеќе пари во општините.  

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев е уверен дека кандидатот за градоначалник на Гевгелија ќе победи на локалните избори, не затоа што така покажуваат анкетите, туку затоа што е чесен човек.

Кандидатот за градоначалник Сашко Поцков, пред Гевгеличани вети проекти кои му се неопходни на градот- нова канализациска и водоводна мрежа, катна гаража, нов градски парк. Вели дека ќе се залага за модерна и европска Гевгелија, во која ќе има живот за сите граѓани.

Коалицијата „Живот во Македонија“ изборната програма ја претстави и пред жителите на Богданци. Кандидатот за градоначалник на оваа општина, Блашко Шапов, рече дека доколку ја добие довербата на локалните избори ќе се залага за изработка на урбанистички планови, решавање на проблемот со црврстиот отпад, како и изградба на фекална и атмосферска канализација.

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ, одржа митинзи во Дојран и во Валандово. Беше промовирана изборната програма и беа претставени кандидатите за градоначалници и советници.

Лидерот на Социјал- демократскиот сојуз на жителите им вети дека ќе се залага за современи и развиени општини. Најави дека во Дојран ќе биде обновен постојниот и ќе биде изграден мини колекторски систем, со што ќе се намали загадувањето на животната средина, ќе биде обновена градската плажа и ќе се изгради пазар во Нов Дојран.

 

 

Андријана Атанасовска