Одложени рочиштата за случаите „Насилство во општина Центар“ и „Транспортер“
Одложено рочиштето за случајот „Насилство во Општина Центар“ во кое се обвинети поранешниот премиер Груевски и поранешниот министер за транспорт, Јанакиески. Двајца од обвинетите не дојдоа на судењето. Откако една од обвинетите, поради застој во сообраќајот од Битола не стигна во Скопје, се одложи и главната расправа за случајот „Транспортер“...

Отсуство од главната расправа на двајца од обвинетите за насилството во општината Центар го одложи стартот на судењето. Обвинителката Фетаи, за идниот пат побара стражарно приведување.
Никола Груевски и Миле Јанакиески, кои се дел од 14-мината обвинети дојдоа во судот. Жерновски вели дека случајот треба целосно да се расчисти. Од ВМРО-ДПМНЕ одговараат- Жерновски глуми жртва пред граѓаните и се потпира на политичките конструкции на СЈО.
Откако една од обвинетите, поради застој во сообраќајот од Битола не стигна во Скопје, се одложи и главната расправа за случајот „Транспортер“ во која му се суди на битолскиот градоначалник Владимир Талевски. Се товари за злоупотреба на 360 илјади евра општински пари со незаконски организиран автобуски превоз.
Ново судско рочиште е закажано за 6-ти ноември.
Анита Димитријевска
