Заев: Промените не се комплетни без промени во општините

28.09.2017 16:18

„Граѓаните да се приклучат на патот кој носи живот за да се заокружат промените“ – лидерот на Социјал- демократите, Зоран Заев од митинзите на оваа коалиција во Кисела Вода и во Аеродром. Меѓу ветувањата, намалување на аерозагадувањето и други инфраструктурни проекти...

Промените не се комплетни без промени во општините, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев, на митингот на коалицијата „Живот во Македонија“ во општините Аеродром и Кисела Вода. Вети нови проекти, вложувања во инфраструктурата, екологијата, спротот, економијата и образованието. Општините ги посочи како значаен фактор за локален економски развој и отворање нови работни места.

Преку новите мерки за ослободување на данокот од добивка на компаниите ќе се лоцираат средства за поттикнување на спортот и културните дејности, но и ќе се поддржат малите бизниси, рече Заев.

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов истакна дека СДСМ во овие четири месеци покажала каква е разликата помеѓу оваа и претходната власт. Порача дека како градоначалник ќе се стреми младите да останат во земјава. Затоа, рече, ниту избориве, ниту кампњата не е иста како сите други.

Модерна, урбана зелена и спортска општина ќе стане Аеродром во наредниот период, рече кандидатот за градоначалник Златко Марин. Најави дека во Аеродром ќе се стави крај на урбаната мафија и неконтролираното градење кое Аеродромци ги оставило без чист воздух. Додаде дека оваа општина сега се соочува и со проблеми во водоснабудавањето.

Ќе ја направиме општина Кисела Вода безбедна како што беше во минатото, истакна кандидатот за градоначалник Филип Темелковски. Рече дека ќе се залага за подобрување на образовните услови, за повеќе паркови и нови културни содржини.

Од коалицијата „Живот во Македонија“ порачаа дека убавиот живот во градот треба да се врати, а тоа е должност на граѓаните. Претходно Коалицијата „Живот во Македонија“ предводенаод СДСМ имаше средби со жителите на Студеничани и Сопиште. Пред граѓаните беа промовирани изборната програмата и новите проекти за општините и беа претставени кандидатите за градоначалници и советници.

Лидерот на Социјал- демократскиот сојуз на жителите им вети дека ќе се залага за современи и развиени општини.

Дијана Ценевска