Индија: Најмалку 22 жртви во стампедо на железничка станица во Мумбај

29.09.2017 12:41

Според очевидците, стампедото се случило откако неколку жени се лизнале на скалите од мостот, што било предизвикано од обилните дождови што го зафатија овој крај. Полицијата, пак, соопшти дека стампедото го предизвикала информација за уривање на надвозник...

Најмалку 22 лица загинале, а 30 биле повредени во стампедо на железничка станица во финансискиот центар на индискиот град Мумбај. Според очевидците, стампедото се случило откако неколку жени се лизнале на скалите од мостот, што било предизвикано од обилните дождови што го зафатија овој крај. Полицијата, пак, соопшти дека стампедото го предизвикала информација за уривање на надвозник, по што парчиња бетон почнале да паѓаат. Хаосот се случил кога луѓето побрзале што поскоро да го преминат мостот.

„Околу 9 часот и 30 минути изутринава имаше несреќен случај, кога, поради причини што се уште ги испитуваме, се случи стампедо. Сите повредени се сместени во најблиските болници. Според моите информации дваесетмина се потешко повредени“, изјави Никет Каушник, полициски комесар.

„Сите почнаа да паѓаат едни врз други. Не знаеме што се случи со три или четири жени. Не знам во каква состојба се.“

Несреќата се случила на преполната железничка станица Елфинстоун, на надвозник кој ги поврзува двете главни градски линии. Портпаролот на единицата за вонредни ситуации изјави дека билансот на настрадани најверојатно ќе расте.

Медиумите пишуваат дека инцидентот уште еднаш го поставува фокусот врз патната инфрастреуктура во Мумбај, која е честопати критикувана бидејќи е стара и нестабилна со оглед на огромниот број луѓе што секојдневно ја користат.

 

Марина Автовска