Индустриското производство во август намалено за 5,3 проценти
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во август 2017 година, во однос на август 2016 година, бележи опаѓање од 6,1 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 8 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 28,1 проценти.

Индустриското производство во август годинава во однос на истиот месец лани бележи намалување од 5,3 проценти, а за првите осум месеци од годинава споредено со истиот период лани, намалувањето изнесува 0,1 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во август 2017 година, во однос на август 2016 година, бележи опаѓање од 6,1 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 8 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 28,1 проценти.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство на прехранбени производи, тутунски производи, текстил, облека, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на метали, Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во август 2017 година, во однос на август 2016 година, бележи пораст кај Енергија за 19 проценти, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 4,3 отсто, Капитални производи за 12,4 проценти, Трајни производи за широка потрошувачка за 8,7 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8 проценти.
