Анѓушев: Изнајдено е трајно решение за „Колска“

29.09.2017 15:05

Кочо Анѓушев изјави дека изутринава бил во фабриката и соопштил дека проблемот е надминат, изнајдено е подолготрајно решение за платите на вработените и за функционирање на компанијата.

Одговарајќи на новинарското прашање за состојбата во велешката фабрика за шински возила „Колска“ вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев изјави дека изутринава бил во фабриката и соопштил дека проблемот е надминат, изнајдено е подолготрајно решение за платите на вработените и за функционирање на компанијата.

„Владата донесе заклучок со кој се обезбедени 15 милиони денари за Колска, со кои не само што ќе се исплатат плати, туку ќе се искористат и за набавка на репро материјал, за фабриката да продолжи да работи. Многу важно за работниците е фабриката да има иднина и да продолжи да работи и функционира, а сето тоа ќе се изведе во рок од  седум до десет дена, согласно законските процедури“, рече Анѓушев.

Според Анѓушев, работниците на „Колска“, биле задоволни од она што го слушнале на средбата, надминати се недоразбирањата и пренесени се вистинските информации поради што очекуваат надминување на нивните повеќегодишни проблеми.