Со ревитализација на „Дуброво“ почнува инвестицискиот циклус во енергетиката

29.09.2017 16:28

До крајот на годинава ќе почне ревитализацијата на постројка во трансформаторската станица „Дуброво“. Со проектот кој чини 4,6 милиони евра, примарната високонапонска опрема стара 40 години ќе биде заменета со најсовремена. МЕПСО и конзорциумот Сименс- Сискон го потпишаа договорот.

Во почетокот на следната година ќе почне ревитализацијата на 400 киловолтната трафостаница „Дуброво“. Ќе се изврши целосна замена на примарната високонапонска и секундарната опрема, стара 40 години. Со проектот кој чини 4,6 милиони евра ќе се обезбедат поголема сигурност и доверливост во управувањето со електропреносниот систем– велат надлежните.

„Оваа инвестициска ера ќе почне со изградба на нов 400 киловатен далековод со кој ќе се поврзат електропреносните системи на Македонија и Албанија и ова ќе биде прва електроенергетска врска меѓу двете земји, а Охрид и цела западна Македонија ќе добија моќна 400/ 110 кw станицавели Сашо Василевски, генерален директор на АД МЕПСО.

Ревитализацијата ќе трае три години. Ќе ја спроведува конзорциумот Сименс- Сискон. Ќе се финансира со милион евра од касата на МЕПСО, грант од 2,5 милиона од Вестерн Балканс Инвестмен Фрејмворк и кредит од 1,6 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.

„Проектот на ревитализацијата во предградието на Неготино ќе трае три години, а работите ќе почнат следната година. Со најсовремена технологија ќе се замени старата високонапонска опрема“ - посочува Срдан Срдановиќ, претставник на Сименс.

По трафостаницата „Дуброво“ која надлежните ја посочуваат како срцето на Електропреносниот систем, најавена и изградвбата на 110 киловолтниот далновод што ќе ги поврзе Штип и Пробиштип, дел од инвестицијата „Изградба на седум нови далеководи“, вредна 50-ина милиони евра. Со став дека енергетиката е еден од главните столбови на кои ќе се фокусира инвестицискиот циклус, вицепремиерот Анѓушев тврди- нема да има приватизација на АД „Електарани на Македонија“. Обврската да се издвои сопственост на ЕЛЕМ И МЕПСО ќе се решава според искуствата од регионот, ќе бидат под капата на две различни институции во државава.

 

Сузана Фиданска- Стоевска