Груевски: Исправени сме пред историска одлука, на Македонија ѝ се потребни докажани луѓе
„Доведени се во прашање нашата економија и нашиот идентитет - исправени сме пред историска одлука за иднината на нашата земја“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од Струга повика на обединетост за се надминат предизвиците со кои се соочува државата. „Со нас нема демагогии, туку работа“- рече тој...

На Македонија ѝ се потребни докажани луѓе. Исправени сме пред историска одлука за иднината на нашата земја. Доведени се во прашање нашата економија, националниот идентитет, култура, јазик, држава. На 15-ти октомври гласајте за луѓе чиишто постигнати резултати сите ги знаеме кои постојано работеле и во иднина ќе продолжат да работат за наше подобро утре, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на предизборниот митинг на коалицијата „За подобра Македонија“, одржан во Струга.
Обединети да ги надминеме предизвиците со кои се соочува нашата држава и да ја зачуваме заедничката цел- која се вика Македонија. Нашата работа секогаш ќе ви биде посветена вам, со нас нема демагогии, туку работа и исполнување на ветувањата, рече Груевски.
Груески вели дека бројот на вработени лица во негово време се зголемувал, а за време на владеењето на СДСМ имало само надолен тренд.
За програмата на Коалицијата „За подобра Македонија“, Груевски рече дека е реална, визионерска стратегија за развој на земјата во наредната декада, документ за нови успеси, победи и напредок на земјата, преку нови 150 илјади работни места, повисоки плати, пензии, субвенции, подобро здравство, образование, посилна демократија.
Кандидатот за градоначалник на Струга на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Сеад Селакоски, најави редица проекти за подобар живот на граѓаните од градот. Тој рече дека во Струга со поддршка на претходната Влада се направиле локални патишта во должина од околу 40 километри во вредност од 130 милиони денари. Кажа и дека била направена канализација во селото Мороишта, со што дошло до заштита на подземните води и водите на Охридско езеро.
И во Вевчани, коалицијата „за подобра Македонија“ ја претстави изборната програма за локалните избори.
Поддршка за ВМРО-ДПМНЕ на овие избори даде претседателот на словенечката Демократска партија, Јанез Јанша кој имаше обраќање пред членството и симпатизерите во Струга и Вевчани на коалицијата „За подобра Македонија“.
Игор Панов
