Каталонија: Референдумот го одбележаа жестоки судири

02.10.2017 10:12

Каталонската влада објави дека 90 насто од гласовите на вчерашниот референдум за независност, на кој излегле 42,3 насто од избирачите, биле „за независност“ на Каталонија. За шпанскиот премиер Рахој, нелегалниот референдум за независност на Каталонија е потсмевање на суштината на демократијата. Најмалку 844 лица биле повредени во судирите при обидот на полицијата да го попречи гласањето.

Гласањето на референдумот за независност на Каталонија го одбележаа жестоки судири со шпанската полиција која се обиде да ги затвори гласачките места. Медиумите прикажаа инсерти од судирите на кои се гледа како полицајци удираат луѓе и се обидуваат да им одземат гласачки ливчиња и кутии. Мадрид и Барселона меѓусебно се обвинуваат за насилството во кое беа повредени најмалку 844 лица, од кои две потешко.

Шпанското Министерство за внатрешни работи, од своја страна, соопшти дека при полициските акции за спречување на нелегалниот референдум биле повредени 33 припадници на националните безбедносни сили, од кои 19 полицајци и 14 членови на цивилната гарда. Министерството најави и истрага против Каталонската регионална полиција поради непочитување на одлуката на Уставниот суд за суспендирање на референдумот.

Владата на Каталонија објави дека 90 отсто од гласовите се - за независност. Портпаролот на владата, Жорди Турул изјави дека во референдумот учествувале 2,26 милиони луѓе и 2,02 милииона гласале за независност. На референдумското изјаснување учествувале околу 42,3 отсто од вкупно 5,43 милиони избирачи во Каталонија.

Во меѓувреме, лидерот на здружението „Омниум“,соопшти дека повеќе организации и синдикати, кои ја поддржуваат независноста на Каталонија, во вторник ќе организираат генерален штрајк во овој шпански автономен регион.

Претседателот на регионалната влада на Каталонија, Карлес Пуџдемон изјави дека со спроведениот референдум за независност, Каталонците „се избориле за правото на независна држава“.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој, пак, изјави дека нелегалниот референдум за независност на Каталонија претставува потсмевање на суштината на демократијата.

 

Марина Ристова