ЕК: Референдумот за независност на Каталонија е нелегален
Портпаролот на Европската комисија, Маргаритас Схинас рече дека тоа е внатрешна работа на Шпанија, но дека, сепак треба да е во согласност со Уставот на земјата.

Европската комисија соопшти дека референдумот за независност во Каталонија не е легален. Портпаролот на комисијата, Маргаритас Схинас рече дека тоа е внатрешна работа на Шпанија, но дека, сепак треба да е во согласност со Уставот на земјата.
„Територијата која си заминува од земја- членка на ЕУ, ќе биде надвор од Унијата. И покрај законскиот аспект, Унијата е убедена дека ова е време за обединување и стабилност, а не за поделби и за распарчување. Ги повикуваме сите вклучени страни брзо да преминат од судири кон дијалог“, рече Схинас.
Каталонската влада претходно соопшти дека околу 90 проценти од граѓаните кои излегле на референдумот, заокружиле ДА. Каталонскиот претседател Карлос Пучдемон прогласи победа на опцијата за независност, нагласувајќи дека е направен пат за едногласно прогласување независност.
Портпаролот на каталонската влада, Жорди Турул изјавил дека акцијата на шпанската полиција спречила околу 777.000 жители да го искористат своето право да гласаат.
Шпанскиот премиер Маријано Рахој се обрати пред јавноста и истакна дека никаков референдум не се одржал и потсети дека Уставниот суд на Шпанија го прогласи за неуставно изјаснувањето на граѓаните на Каталонија.
Гласањето го одбележаа жестоки судири на полицијата со граѓаните. Беа повредени повеќе од 800 луѓе.
Марина Ристова
