М- НАВ: Тендерските рокови пробиени, но наскоро нова опрема
Во завршна фаза е постапката за набавка на опрема за Македонската навигација. Со системите вредни 13 милиони евра треба да се подобри безбедноста и да се зголеми капацитетот...
Нови радари, опрема за комуникација, АТМ систем, метео апаратурата, со инструменти вредни над 13 милиони евра, двојно треба да го зголеми капацитетот на контролата на летање, да се подобри безбедноста. Иако дел требаше да биде ставена и во функција, сѐ уште е во тендерски постапки. Надлежните потврдуваат, роковите се пробиени, сумата пораснала, но новиот Управен одбор убедува, наскоро се очекува надминување на проблемите. На прашањето, дали реагира Европската банка за обнова и развој која одобри заем од 11 милиони евра, првиот човек на Македонската навигација вели, вината за закочените постапки е заедничка.
Во август имало рекоредн број, 970 реализирани прелети над македонското небо. Со зголемениот обем на работа и вработените во Македонската навигација бараат повисоки плати. Министерот Сугаревски со став, најважно е старите инструменти да се заменат со нови.
„За мене најважно е старите инструменти да се заменат со нови, да се зголеми безбедноста на авиосообраќајот. Да не разговараме за плати кои се сериозно високи во оваа институција и дополнително да зголемуваме, а притоа да не ги исполниме обврските кои сме ги зеле претходно“, посочува Горан Сугаревски, министер за транспорт и врски.
Контролата на летање во моментов може да прифати до најмногу 1.000 прелети дневно, со новата опрема ќе може да се реализираат до 2.500. Менаџментот тврди, Македонската навигација финансиски успешно работи.
Сузана Фиданска- Стоевска
