Ахмети: ДУИ ќе соработува со СДСМ во неколку општини

02.10.2017 16:37

Демократската унија за интеграција на митинзи во Боговиње и Врапчиште, откако се претстави во Ресен и Преспа. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети очекува и на овие избори да бидат најсилна партија во албанскиот блок...

Од Ресен лидерот на интегративците повтори дека ДУИ ќе соработува со владиниот коалициски партнер СДСМ во неколку општини. СДСМ ќе ја поддржи ДУИ во Чаир, Тетово, Гостивар, Кичево. ДУИ, пак, ќе им даде поддршка на кандидатите на СДСМ во Скопје и во Куманово.

„На овие избори ние имаме еден договор. Договорот го имаме со нашиот партнер во Владата. Таму каде што немаме можност да победиме за градоначалник на општината, го поддржуваме нашиот партнер, СДСМ, таму каде што тие немаат можност и шанса да победат за градоначалник, како на пример во Тетово, Гостивар, Кичево, Чаир, тие нè поддржуваат нас. Ние ќе ги поддржиме нив за Градот Скопје, каде што ние не можеме да победиме, но имаме голем капацитет на гласови од 35 илјади. Во Куманово немаме можност да победиме и ќе го поддржиме кандидатот на СДСМ. Ова партнерство има реципроцитет – помогни ми, ќе ти помогнам“- рече Ахмети.

Ахмети побара поддршка од сите жители, без разлика на националната припадност за советничката листа на ДУИ во Ресен.

„Преспа од секогаш била приоритет на ДУИ, а така ќе биде и понатаму. Македонците, Албанците, Еѓипќаните, Турците и Ромите треба да гласаат за нашата листа. ДУИ има визија за Преспа, а ја има и нашата поддршка. Ќе помогнеме во сите сфери на овој регион, кој граничи со две држави, а со тоа е значајна точка во Македонија“, нагалси Ахмети.

Носителот на листата во Ресен, Мемет Хоџа посочи дека дека овој регион има перспектива и треба да се поддржи.

„Ќе имаме наша канцеларија во која постојано ќе бидат забележувани листите на вашите барања за нивно побрзо остварување. Што се однесува до соработката со другите албански партии, сакам да изразам благодарност за високата свест на БЕСА која се откажа од свои кандидати и ја поддржува нашата листа со цел да не бидат разделени гласовите на Албанците. Ги повикуваме и од Алијанса да ни се придружат така што би се посветиле на работата и би ги напуштиле празните озборувања“, рече Хоџа.

На митингот беа претставени и кандидатите за советници во општина Ресен.

Фиљана Кока