Заев: Живот и напредок за сите граѓани

02.10.2017 16:44

Коалицијата предводена од СДСМ митигнува во Свети Николе и во Велес. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од собирот во Куманово рече дека сплотени и единствени градат живот и напредок за сите граѓани...

Ќе продолжиме со гасификацијата, решавање на проблемот со водоснабдувањето, капитални инвестиции во образованието за реновирање на предучилишните и училишните установи- најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев од митингот во Куманово. Тој рече дека за три и пол месеци се намалиле непродуктивите трошоци за 45 милиони евра. Изјави дека ниту пензионерите ниту социјално ранливите ниту вработените во јавната администрација не треба да бидат загрижени. За Законот за стечајците и за решавањето на овој проблем, Заев рече дека тоа е голема придобивка за сите, а особено за оние што го дале животот во работа за државата. Со Законот за минималната плата, рече лидерот на СДСМ, ги отворивме спиралите за покачување на сите плати во Македонија.

Заев рече дека овие избори се поинакви од сите други. Побара поддршка за напредок на Куманово, но и на целата држава. Изјави дека соживотот е важен, Куманово го посочи како пример во изминативе 26 години. Најави дека локалната власт ќе работи со уште поголема поддршка од централната власт.

Кандидатот за градоначалник на Куманово Максим Димитриевски вети нови градинки, зелени површини, ново средно училиште, како и решавање на загаденоста и депониите.

Крива Паланка заслужува нов и модерен градски плоштад според европски стандарди, плоштад што ќе им служи на граѓаните за културни и општествени настани, рече кандидатот за градоначалник од Коалицијата предводена од СДСМ, Борјанчо Мицевски. Најави дека ако ја добие довербата, во центарот на градот ќе се гради подземна сообраќајница, а ќе се работи и на поврзување на околните села со градот и подобрување на условите за живот во сите населени места.

Претходно Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ имаше средби со жителите на Ранковце Старо Нагоричане.  Пред граѓаните беа промовирани изборната програма и новите проекти за општините и беа претставени кандидатите за градоначалници и советници. Од коалицијата ветија нови почетоци за подобра иднина.

 

Дијана Ценевска