Груевски: Го исполнуваме она што ќе го ветиме

02.10.2017 16:52

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска на митинзи во Македонски Брод и во Кичево. Лидерот на партијата, Никола Груевски вети нова ера на просперитет, напредок и на исполнети ветувања...

„Започна новото движење што ќе ја донесе новата ера за Македонија- просперитетна, достоинствена. Со единство ќе им покажеме на сите, и дома и надвор, дека Македонија може и мора подобро. Продолжуваме посветено да реализираме проекти кои се од интерес за граѓаните“, речe пред Штипјани лидерот на ВМРО–ДПМНЕ, Никола Груевски. Вели дека претставувајќи ја програмата низ земјава, сретнал луѓе кои стравувале за работните места, за пензиите, за субвенциите и затоа дошло време да се стави крај на, како што рече, помрачувањето.

Во изминативе четири и пол месеци видовме какви се нашите опоненти, вели Груевски, и наброи - нарушени национални интереси, катастрофален договор со Бугарија, најава за смена на името и на идентитетот, колапс на економијата, пад на индустриското производство.

„Куп афери со неисполнети ветувања, непотизам за лично богатење“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде - за разлика од нив, ние исполнуваме она што ќе го ветиме.

За овие четири години во Штип остваривме 450 проекти, отчетот е на 500 страници. Ги оствариме со помош на централната власт, рече досегашниот грдадоначалник и кандидат за нов мандат, Илчо Захариев. Патот до Велес е завршен, автопатот до Скопје е готов 90 насто, се гради експресен пат кон Кочани, направивме над 160 улици, се гради и нова Клиничка болница, имаме нова индустриска зона, а по 2020 година ќе имаме и нов аеродром- рече Захариев.

Вели дека Штип е прогласен за шести град во Европа по привлекување странски инвестиции и услови за живеење. Вети продолжување на инфраструктурните проекти и изградба на водоводи каде што ги нема. Ќе се инвестира и во образованието и во културата, а посебен акцент ќе се стави за помош на децата со посебни потреби. Најави изградба на Дом за стари лица, и станови за млади.

Поддршка за уште еден мандат од своите сограѓани побара и досегашниот градоначалник на Свети Николе, Зоран Тасев. „Сите ние живееме во место коешто треба и ќе биде пристојно за живеење. Во изминатиов период остваривме многу проекти. Ги слушавме вашите сугестии, вие дававте предлози, ние ги реализиравме. Продолжуваме понатаму“, рече Тасев. Пред сограѓаните вети дека ќе ја смени старата дотраена азбестна водоводна мрежа.

На митинзите говореа и претставници од коалицијата „За подобра Македонија“, кои ја побараа поддршката од Светиниколчани и Штипјани. На митинзите беа промовирани програмата и проектите за двете општини, а покрај кандидатите за градоначалници, коалицијата побара поддршка и за советниците. Поддршка од сограѓаните побараа и носителите на собветничките листи.

Наташа Гркова- Петрушевска