Шефовите на дипломатиите на Грција, Македонија, Албанија и Бугарија утре на средба во Солун
Како што информира грчкото МНР, целта на дипломатската средба е да се потврди институционалната соработка за решавање на безбедносните прашања и за борбата против екстремизмот, тероризмот и радикализацијата.

По иницијатива на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, утре и задутре во Солун ќе се одржи средба на шефовите на дипломатиите на Грција, Македонија, Албанија и Бугарија.
Настанот е продолжение на неодамнешните контакти на Коѕијас со неговите колеги од регионот, за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, информираат од грчкото МНР.
Целта на дипломатската средба е да се потврди институционалната соработка за решавање на безбедносните прашања и за борбата против екстремизмот, тероризмот и радикализацијата. Истовремено, овие земји беа соочени и со голема бегалска и мигрантска криза, чии последици сѐ уште ги чувствуваат.
Министрите за надворешни работи ќе ги разгледаат можностите за подготвување заедничка позиција при решавање на тие прашања врз база на европските вредности и добрососедските односи.
