Напад во Лас Вегас: Зголемен бројот на жртви, полицијата го истражува мотивот

03.10.2017 12:28

Полицијата во Лас Вегас го истражува мотивот за масакрот на кантри-концертот кога загинаа шеесетина луѓе. Напаѓачот немал криминално досие, и според полицијата, дејствувал самостојно. ФБИ и ЦИА ги отфрилја тврдењата дека бил поврзан со Исламска држава.

Бројот на жртвите од нападот во Лас Вегас се зголеми на 59, а 527 се повредени. Пронајдено се големо количество оружје и експлозив во домот и во хотелската соба на напаѓачот Стивен Педок во Невада. Исламска држава презеде одговорност за масакрот, тврдејќи дека Педок пред неколку месеци преминал во Исламот. ФБИ и ЦИА ги негираат тврдењата.

„Уверени сме дека Педок дејствувал сам. Познати ни се шпекулациите на медиумите дека постоел и соучесник. Но засега немаме доказ за тоа. Спроведуваме темелна истрага“, изјави Тод Фасуло, заменик- шериф во Невада.

64-годишниот пензионер, мултимилионер и коцкар отвори оган кон посетителите на фестивалот за кантри музика „Рут 91 харвест“ од изнајмена соба на 32. кат во хотелот „Манделеј Беј“. Настанот го следеле над 22 илјади луѓе, па некои од жртвите биле прегазени додека бегале во паника. Педок изврши самоубиство пред полицијата да влезе во хотелската соба. Градот организира голема крводарителска акција за повредените луѓе.

„Целата зедница е вознемирена и трогната од загубата на толку многу човечки животи и ужасот кој го предизвика овој човек со психичко растројство. Поради него, засекогаш ќе го паметиме овој ден, кој воопшто не му прилега на нашиот величествен Лас Вегас“, изјави Керолин Гудман, градоначалник на Лас Вегас.

Дејвид Фамиглети е сопственик на продавница за оружје и тврди дека кога пред неколку месеци Педок го посетил, му приложил чиста документација и дозвола. Вели дека нападот во Вегас не е извршен со пушките кои убиецот ги набавил од кај него. Во Невада нема строги правила за поседување и употреба на оружје. За американските власти, овој напад е најсмртоносниот во последните 25 години.

 

Маја Филдишев