Иванов: Тероризмот останува најголема закана

03.10.2017 13:38

Тероризмот останува закана број еден, како во светот така и кај нас, смета директорот на Агенцијата за разузнавање, Зоран Иванов. По нападот во Лас Вегас, потешко е да се идентификува непријателот, бидејќи станува збор за индивидуалци на кои не им требаат големи пари, ниту технологија за да нанесат штета, вели првиот разузнавач.

Тероризмот e најголема закана, и во Македонија и во другите земји- оценува првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Зоран Иванов. Објаснува дека ризиците стануваат сѐ покомплексни, а непријателот сѐ потешко се идентификува, особено кога станува збор за индивидуалци на кои не им е потребна нова технологија за да нанесат големи штети- вели Иванов. Клучна е соработка со странските и со домашните служби, за која вели дека треба да се подобри.

„Најголемиот ризик доаѓа од тероризмот. Последниот напад што се случи во САД доаѓа од индивидуалци, луѓе кои не се поврзани со никаква терористичка организација, а се способни да извршат напад со големи последици. Не смееме да спиеме не уво дека кај нас ништо не се случува. Ние мораме да бидеме спремни, да бидеме подготвени да одговориме соодветно на заканите и на ризиците. Ние системски пристапуваме, искуствено земено со мигрантската криза 2015- 2016 година, имаме покажано дека имаме капацитет, дека соработуваме, дека работиме, но сепак ни треба помош, ни треба соработка за да можеме да бидеме уште подобри“, изјави првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Зоран Иванов.

Агенцијата соработува со 57 служби на дневна основа, со што разузнавањето директно се фокусира на анулирање на проблемите. Сепак, лимитираниот буџет го ограничува делувањето- тврди директорот на македонското разузнавање, Иванов.

 

Миле Ристески