Три нови случаи на заболени од морбили
Три нови случаи на заболени со морбили. На Инфективната клиника се хоспитализирани шест лица. Тие се изолирани и нема можност за пренесување на заболувањето меѓу населението, велат од Институтот за јавно здравје. Досега се вакцинирани 1.932 лица...

Регистрирани се три нови случаи на морбили за една недела- соопшти Комисијата за заразни болести, со што вкупниот број се искачи на 11. Пациентите се на возраст од седум месеци до шест години и се хоспитализирани на Инфективната клиника. Немале постојано место на живеење, престојувале во реонот на Кванташки пазар и биле во контакт со лица од Косово.
„Апел до населението да се вакцинира против морбили, рубеола и паротит, затоа што, со низок опфат може да се очекува појава на епидемија доколку вирусот се прошири меѓу населението. Овој опфат треба да изнесува над 95 отсто. Апелот од комисијата е овој опфат да се зголеми, затоа што со тој опфат од минатата година, ни следува заразно заболување во перспектива. Шесте хоспитализирани лица се со добра клиничка слика, без компликации, без потешкотии во нивниот живот и се надеваме дека оваа недела ќе излезат од болница“, изјави д-р Жарко Караџоски, член на Комисијата за заразни болести.
Екипите за имунизација досега вакцинирале речиси 2.000 луѓе, повеќе од половината во Скопје. Случаи на заболени од морбили се регистрирани и во соседството, а од Комисијата велат дека е невозможно да се спречи ширење на ова заразно заболување. Екипите ќе продолжат да одат на терен за да ги лоцираат невакцинираните.
Александра Спировска
