Груевски: Нова ера со реализација на проекти и отворање работни места

03.10.2017 16:41

Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ на централни митинзи во Ѓорче Петров и во Куманово. Лидерот на партијата, Никола Груевски од собирите во Македонски брод и Кичево најави нова ера со реализација на проекти и отворање работни места.

Нашата цел е да ги реализираме волјата на граѓаните и нивните соништа. Работиме само за таа цел. Ќе се намалат сметките за струја и греење, ќе се подобри квалитетот на воздухот со гасификацијата, со употреба на чисти енергенси и ќе се донесат уште повеќе странски инвестиции, а ќе се охрабрат домашните , рече лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски пред жителите на Кичево и Македонски Брод. Вети можности за стекнување со сопствен дом, зголемени плати, пензии, субвенции, многу повеќе вложување во екологијата за почиста животна средина, издвојување на 6 насто од бруто домашниот производ за финансирање на образованието, подобрување на квалитетот на знаење и на креативните способности на младите луѓе. Најави намалување на сиромаштијата, најниски даноци, преполовена невработеност кај младите и 150.000 нови работни места.

Груевски рече дека ќе се урбанизираат сите подрачја на Кичево, ќе се инвестира во подготовка на инфраструктурни проекти - улици, пешачки патеки, водоводи, канализации, изградба и реконструкција на училишта и градинки. Најави изградба и на спортска сала во основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“, две повеќенаменски, две кошаркарски игралишта, велосипедска патека како и фитнес - зона.

Кандидатот за градоначалник за општина Кичево од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Сајкоски, рече дека многу добро ги знае проблемите кои ги мачат Кичевци. Потенцира дека се обврзува оти ќе се грижи и ќе ги има предвид интересите и потребите на сите жители подеднакво, без разлика на нивната партиска или етничка припадност. Со изградбата на автопатот Кичево- Охрид значително се зголеми фрекфенцијата на домашни и странски туристи, но колку ќе го привлечеме нивното внимание да скршнат од патот, да дојдат во нашата општина, зависи од нас, од тоа колку имаме знаење и желба да ги истакнеме природните и културните знаменитости во Кичево кои навистина ги имаме во изобилство, вели тој. Рече дека во фокусот на неговиот мандат ќе биде стопирање на иселувањето на младиот стручен кадар, како и враќање на иселениците.

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Македонски Брод, Милосим Војнески, рече дека негови приоритети ќе бидат доизградба на патот до Скопје, реконструкција и изградба на нови локални патишта, како и водоснабдителни системи за неколку села во општината. Се осврна и на досега сработеното. Нагласи дека се реализирани повеќе од 80 проекти.

Планираме изработка на урбанистички план за реализација на проектот „Купи куќа за млади“ во кој ќе бидат вклопени 100 локации. Изградба на пешачка патека на езерото Козјак, решавање на проблемот со јавните санитарни јазли, континуирано чистење на речните корита, уличните сливници и одводни канали. Туризмот е една од најперспективните области на нашата општина, ќе биде и натаму во центарот на нашите интереси, рече Војнески.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска