ДУИ побара поддршка од жителите на Врапчиште и Боговиње

03.10.2017 16:43

Демократската унија за интеграција е во Желино и во Јегуновце, откако ги претстави приоритетните проекти пред жителите на Боговиње. Интегративците побараа поддршка за победа на изборите...

Демократската унија за интеграција ја презентираше својата изборна понуда пред жителите на Врапчиштe и Боговиње. Во своето обраќање, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека неговата партија има вредности кои може да дадат голем придонес за развојот на општините. Ахмети посочи дека меѓународната заедница дава поддршка и помош на реформската влада, а со таа помош ќе управуваат идните градоначалници.

„Од успешното управување со оваа криза, целата меѓународна заедница ги смени своите ставови, дава помош, ги нуди сите алатки што таа ги направила во минатото. Сега со помошта ќе управуваат градоначалниците што ќе бидат избрани на 15 октомври. Јас сум убеден дека Берзах Бејтулаху и кандидатите за советници од нашата партија во Боговиње ќе го продолжат патот на претходниот градоначалник од редовите на ДУИ кој што беше и архитект на општината“, рече Ахмети.

Кандидатот на ДУИ за градоначалник, Гајур Рушити вели дека има многу проекти што се од корист за жителите од сите села во оваа област. Очекува силна поддршка од партијата и гласачите, која вели, ќе дојде на 15 октомври.

„Нашата програма за овој мандат се базира врз основа на барањата и потребите на сите локални совети и општинските населби во Врапчиште. Ќе работам во насока на поддршка на планинскиот туризам кој ќе ја направи Шар Планина уште попривлечна туристичка дестинација, како и многу други проекти кои ќе бидат претставени во континуитет и според потребата да се создадат подобри услови за нашите граѓани“, изјави Рушити.

ДУИ ја претстави програмата и пред жителите на Боговиње, каде што кандидат за градоначалник е Берзах Бејтулаху. Истакна дека неговата програма е направена во консултации со жителите на Боговиње.

„Во осум населени места на општина Боговиње веќе имаат подготвени проекти. Проектот за изградба на канализација која е неопходна за жителите. Ве уверувам дека овој проект ќе почне“, изјави Бејтулаху.

Од ДУИ велат дека кандидатите за градоначалници и за советници за Врапчиште и Боговиње со низата проекти во нивната програма ќе овозможат подобри услови за живот.

 

Наташа Гркова- Петрушевска