Заев: Поддршка за промени и на локално ниво

03.10.2017 16:45

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ е на митинзи во скопските општини Центар и Карпош. Синоќа првиот Социјалдемократ, Зоран Зоран од Собирите во Свети Николе и во Велес побара поддршка за промени и на локално ниво.

„Живот за сите во поубав и економски поразвиен Велес со подобра инфраструктура, ред во сообраќајот, проекти за здрава и чиста животна средина, нови патишта, водоводи, канализации, поддршка за спортот и за развој на бизнисот“ - ветувања на митингот од претседателот на СДСМ, Зоран Заев и кандидатот за градоначалник, Аце Коцевски.

Партискиот лидер рече дека Велес е предвесник на промените и дека треба да има победа уште во првиот круг. Најави поддршка од Собранието и од Владата за реализација на проектите за развој на општината.

Заев вели дека овие избори се важни за Македонија, затоа што преку изборот за градоначалник ќе се носи одлука во кој правец ќе се движи Македонија. Коментирајќи ги ставовите на политичките опоненти кои тврдат дека во изминатите четири месеци се случило помрачување во државата, истакна дека „тие треба да сфатат оти се има почеток и крај и дека следуваат реформи во ВМРО-ДПМНЕ од кои нема бегање“.

Според Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се обидува да се спаси преку кандидатите за градоначалници, но како што вели, нема да му успее тоа. Во говорот зборуваше и за односите со соседите.

Претставувајќи ги приоритетите за развој на Велес, кандидатот за прв човек на градот, Аце Коцевски, рече дека ќе биде градоначалник на сите, парите од буџетот ќе ги троши строго наменски за вистинските приоритети и оти Велес ќе биде општина без корупција. Ветува дека ќе предложи намалување на цената на водата, пресметување на надоместот за исфрлање комунален смет според реалните количества, затворен градски пазар со паркинг, катна гаража во центарот, гасификација, многу градежни зафати за подобрување на сообраќајот, изградба на инфарструктура во индустриските зони, мали хидроелектрани.

Коалицијата за живот предводена од СДСМ и од митингот во Свети Николе, вети инфраструктурни проекти за подобар живот на граѓаните.

Кандидатите за градоналници на општините Градско, Чашка и Лозово од СДСМ имаа средби со жителите од овој регион на кои им ги претставија проектите од изборната програма за локалните избори.

Игор Панов