Шефовите на дипломатиите на Грција, Македонија, Албанија и Бугарија на средба во Солун
Настанот е продолжение на неодамнешните контакти на Коѕијас со неговите колеги од регионот, за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, информираат од грчкото МНР.

По иницијатива на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, денес и утре во Солун ќе се одржи средба на шефовите на дипломатиите на Грција, Македонија, Албанија и Бугарија.
Настанот е продолжение на неодамнешните контакти на Коѕијас со неговите колеги од регионот, за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, информираат од грчкото МНР.
Целта на дипломатската средба е да се потврди институционалната соработка за решавање на безбедносните прашања и за борбата против екстремизмот, тероризмот и радикализацијата. Истовремено, овие земји беа соочени и со голема бегалска и мигрантска криза, чии последици сѐ уште ги чувствуваат.
Министрите за надворешни работи ќе ги разгледаат можностите за подготвување заедничка позиција при решавање на тие прашања врз база на европските вредности и добрососедските односи.
Во делегациите се вклучени и министрите за внатрешни работи и за енергетика, односно економија на четирите земји.
Димитров претходно оваа недела изјави дека не очекува оти земјите од регионот, поточно Албанија и Бугарија, ќе бидат посредници во решавањето на спорот за името со Грција. Тој посочи дека спорот е билатрално прашање и оти ќе се решава меѓу двете земји со посредство на Обединетите нации, односно нивниот медијатор Метју Нимиц.
Тој истакна дека очекува на маргините на квадрилатералната средба да има и билатералка со Коѕијас.
