Стох со две злата, како Аман и Никенен
Полјакот Камил Стох е апсолутен олимписки владетел меѓу скијачите-скокачи во Сочи.

Шест дена по триумфот на малата, победи и на поголемата 125-метарска скокалница. Ги обедини двете круни, повторувајќи ги дострелите на Швајцарецот Симон Аман од Солт Лејк Сити 2002 и од Ванкувер 2010, и на славниот Финец Мати Никенен од Калгари 1988.
По скокот од 139 метри во првата серија, далечината од 132,5 метри во финалната му ја удвои славата на Стох и му донесе севкупен збир за 1,3 бода подобар од оној на Јапонецот Норијаки Касаи. На четири месеци пред 42.роденден, ветеранот го забележа резултатот на кариерата. Во седмото учество на олимпијадите конечно стигна до олимписки трофеј, сребрениот, откако оствари должини од 139 и од 133,5 метри.
На малата скокалница втор, а овој пат трет и бронзен беше Словенецот Петер Превц. За скоковите од 135 и од 131 метар собра 2,9 бода помалку од новиот шампион и го истисна од пиедесталот Германецот Зеверин Фројнд, кој беше трет по првата серија, но сепак заврши четврти и остана без медал.
