Луксембуршка поддршка на Македонија за ЕУ и НАТО
Европската унија треба да најде сила и волја да продолжи со процесот на проширување и со балканските држави, порача шефот на дипломатијата на Луксембург, Жан Аселборн, кој е во работна посета на Македонија. Аселборн имаше средба и заедничка конференција со неговиот колега Никола Димитров, а потоа беше примен и од претседателот Иванов и премиерот Заев.

Балканот е во градината на Европа, не е ниту Русија, Кина или САД и мислам дека ќе има доволно позитивни размислувања кај земјите- членки, да се приклучи кон Унијата. Во 2005-та го потпишавте договорот со Брисел, а по 12 години покрај актуелната билатерална соработка останува предизвикот за изнаоѓање решение за името со Грција, смета челникот на луксембуршката дипломатија.
„Им преостанува на господинот Нимиц и на двете земји, да го решат тоа. Не е мое јас да им кажувам да се направи ова или она. Ако се исполни, можеме да почнеме за две до три недели. Да останеме оптимисти“, изјави Жан Аселборн, министер за надворешни работи на војводството Луксембург.
Членството на Македонија во НАТО ќе придонесе за безбедноста во регионот, а добивањето датум за почеток на преговорите со Унијата наредната година е поттик за македонската позитивна приказна, изјави министерот Димитров. Тој очекува Грција да го препознае моментумот на регионалната соработка.
„Приклучувањето во нато значи дека утре треба да бидеме сојузници со другите, треба да гледам кон нив како сојузници, и тие да не гледаат како сојузници. Тоа значи во суштина да не мораме да го избориме нашиот пат кон Алијансата, туку да создадеме слика во која и двете земји ќе бидат задоволни“, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
Пред вас се и локалните избори, први по парламентарните и новата влада, рече Аселборн. Тие се многу важни и подвлече, неговата посета е работна и нема партиска конотација.
Зоран Богатинов
