Преживеал 14 месеци во чамец среде Тихи Океан
И модерното време има свој Робинсон Крусо, не во роман, туку вистински. Не бил на пуст остров, туку во чамец на Пацификот, и преживеал.

Риболовецот Хозе Салвадор Алваренга од Ел Салвадор кој преживеа 14 месеци во чамец среде Тихиот Океан, ги изненади лекарите со добрата физичка состојба.
Шефот на болницата „Сан Рафаел“ во која е хоспитализиран Алваренга изјави дека прославениот бродоломец е психолошки кревок, но не покажува знаци на сериозно ментално растројство.
-„Она од што стравувавме беше дека Хозе ќе има некои нарушувања во мозокот. Констатиравме дека нема халуцинации, но сепак е ментално истоштен поради константните стресови што ги преживеал.“ - Фреди Семено, шеф на психијатрија во болницата „Сан Рафаел“.
Од болничкиот кревет, рибарот побара медиумите да не му вршат притисок за да може побргу и подобро да закрепне.
Бродоломецот рече дека преживеал јадејќи живи риби, желки и птичја крв.
-„Хозе ја претставува храброста, истрајноста на секој граѓанин на нашата држава. Му благодарам на Бога што ни го врати.“ изјави Хозе Кастилјо, жител на Сан Салвадор
Медицинскиот тим на салвадорската болница најави дека Алваренга ќе остане в болница уште неколку денови поради натамошни испитувања.
Огнен Јакимовски и Роберт Димковски
