Пучдемон: За некој ден ќе прогласиме независност
„Денес сме поблиску до независност отколку пред еден месец. Не поради времето што минува, туку поради поддршката што ја добиваме од заедницата“, изјави лидерот на Каталонија, Пучдемон во интервју за БИ-БИ-СИ...

Лидерот на Каталонија, Карлес Пучдемон во интервју за БИ-БИ-СИ изјави дека Каталонија ќе прогласи независност во наредните неколку дена. Тој истакна дека владата ќе делува кон крајот на оваа или почетокот на наредната недела, додавајќи дека за сега нема никаков контакт помеѓу неговата администрација и централната влада во Мадрид.
„Денес сме поблиску до независност отколку пред еден месец. Не поради времето што минува, туку поради поддршката што ја добиваме од заедницата“, изјави Пучдемон.
Тој исто така истакна дека обидот на Мадрид да интервенира и да ја стави под своја контрола каталонската влада ќе биде грешка која ќе смени сѐ. Во меѓувреме, шпанските медиуми пишуваат дека каталонските партии сојуз „Заедно за ДА“ и радикалната левичарска партија ЦУП побарале од парламентот да закаже в понеделник седница на која ќе се расправа, а можеби и прогласи независност на автономната област од Шпанија.
Минатата ноќ, шпанскиот крал Фелипе Шести, во телевизиското обраќање пред нацијата изјави дека каталонските лидери ги прекршиле законите и покажале неприфатлива нелојалност. Шпански национален суд соопшти дека поведува истрага за „поттикнување на бунт“, за две лица на високи позиции во каталонската полиција и двајца лидери на прокаталонски групи за независност.
Околу 700 илјади луѓе излегоа на улиците на Барселона на протести против полициското насилство за време на забранетиот референдум, при што ја повикуваа ЕУ да интервенира во сѐ пожестокиот спор меѓу каталонските лидери и Мадрид.
Марина Ристова
