Судски совет: Поголем финансиски надоместок за судии поротници

04.10.2017 15:25

На седница на Судскиот совет беше договорено да се оствари средба со министрите за правда и финансии со цел да се пронајде решение за положбата на судиите поротници, кои бараат двојно да се зголеми финансискиот надомест што го добиваат од државата. Се расправало и за проблемот со одложувањето на судските рочишта поради неспроведување на лицата во притвор и затворениците од казнено- поправните установи.

Барањата за двојно зголемен финансиски надоместок од 250 на 500 денари за судиите поротници се оправдани и е неопходно заради поефикасно функционирање на судскиот систем- заклучок од седницата на Судскиот совет. Беше побарана итна средба со министрите за правда и финансии со цел да се измени правилникот и да се обезбедат средства за оваа намена. Велат дека во иднина треба да се размислува и за измени во системскиот Закон за судовите, во делот на условите што треба да ги исполнуваат судиите поротници за нивниот избор.

На седницата се отвори и расправа за проблемот со одложување на судските рочишта, поради недоведување на притворените лица и затворениците на судските процеси. Овој проблем, велат, се провлекува повеќе од седум години и затоа, како што рекоа дел од членовите е причина за неефикасност во судството и за застарување на предметите.

Судскиот совет апелира до Владата во идното проектирање на државниот буџет да биде почитувано законското решение за судската власт да бидат издвојувани 0,8 насто од бруто- домашниот производ.

 

Игор Панов