Прекршочни пријави за напаѓачите на Бајрам

04.10.2017 15:45

Полицијата го расветли случајот во Шуто Оризари, во кој беше нападнат кандидатот за градоначалник, Елвис Бајрам. Поднесени се прекршочни пријави против осуммина сторители за нарушување на јавниот ред и мир со учество во тепачка. Се истражува демолирањето на штабовите...

Министерството за внатрешни работи целосно го расветли случајот со нападот врз кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, Елвис Бајрам и до Јавното обвинителство поднело прекршочни пријави против осуммина сторители за нарушување на јавниот ред и мир со учество во тепачка. МВР истражува и шест случаи на демолирање на изборни штабови.

„МВР е одлучно во намерата, а за тоа имаме достатичен капацитет да ги открие и согласно законите да ги процесуира сите вакви настани кои се закануваат да фрлат дамка врз претстојниот изборен процес. Независно кој од која политичка партија доаѓа, кој чиј симпатизер е, за МВР единствено примарно ќе биде почитувањето на законите што ќе важат за сите подеднакво“, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Пожарот во семејната куќа на кандидатот за градочалник на Ѓорче Петров, Владо Мисајловски и нападот врз независниот кандидат за градоначалник на Кичево, Алит Абази, според МВР, не се поврзани со изборите. Пожарот настанал поради неисправност на оџакот, а нападот врз Абази е поради нерасчистени лични несогласувања.

 

Ирина Гелевска