Груевски: Крај на четиримесечното помрачување, почнува нова ера
„На 15-ти октомври да му ставиме крај на четиримесечното помрачување во кое живее Македонија“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од митингот во Куманово. Рече дека иако власта постојано ветувала правда, покажала дека овие избори се најнедемократски...

Започнува ново движење кое ќе донесе нова ера за Македонија, ера на просперитет, напредок, на исполнети ветувања, на одговорност, достоинство, заедништво. Ера која ќе ја предводи коалицијата „За подобра македонија“ рече на митингот во Куманово, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој на Кумановци им рече дека мора да му стават крај на четиримесечното помрачување во кое живее Македонија и побара на 15 октомври да дадат глас за почеток на новата ера.
Според Груевски, има 13 причини за ова помрачување. Ги наведе кривичните пријави против градоначалниците од ВМРО – ДПМНЕ, што според него е притисок врз опозицијата. Овие избори, како што рече Груевски, се најнедемократски, иако власта постојано ветувала правда и демократија. „Нема покачување на платите, на пензиите и социјалната помош, субвенциите ќе ги намалат, даноците ќе се зголемат“ – изјави Груевски, и посочи дека нема реформи и се уништува она што било создадено во време на ВМРО-ДПМНЕ.
Додека тие уништуваа, ние мокотрпно работевме на новата стратегија, наречена Нова ера за Македонија, рече Груевски. Пред граѓаните презентираше 13 постулати на кои се темели програмата на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата. „Во новата ера ќе отвориме 150.000 нови работни места како што успеавме тоа да го направиме во изминатата декада. Ќе изградиме индустриска зона во Куманово која ќе отвори нови работни места за граѓаните. Невработеноста ќе падне за 10 насто, ќе им помогнеме на младите да дојдат до сопствен дом и побрзо да се вработат, даноците повторно ќе бидат најниски во светот, образование ќе биде по европски терк, во здравството ќе набавиме нови апарати и и ќе изградиме болници“- рече Груевски. Повика да му се даде доверба на кандидатот за градоначалник, Зоран Ѓорѓиевски.
Куманово без кал, водовод во секое населено место, асфалтирање на сите улици ќе бидат моите главни приоритети- вети пред сограѓаните, кандидатот за градоначалник Зоран Ѓорѓиевски. Ќе поставиме подземји контејнери за отпад, јавни тоалети во централното градско подрачје, трим патеки, ќе го решиме сообраќајниот хаос кој го остави претходниот градоначалник, рече тој. Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ветуваат тоа и реализираат, знаат и кој работи за подобро утро за Куманово - изјави Ѓорѓиевски.
Претходно коалицијата „За подобра Македонија“ ја презентираше изборна програма во општина Ѓорче Петров. Кандидатот за градоначалник, Владо Мисијаловски, најави голема победа и многу проекти за поубаво Ѓорче. „Нашиот опонент има три проекти, воздух, ветер и магла и затоа ќе доживеат тежок дебакал на изборите“ – изјави Мисајловски. Порача - сето она што ќе ветиме ќе го сработиме, јас и мојот тим стоиме позади тоа. Се осврна и на трагедијата во која до темел изгоре неговата семејна куќа.
Потсетете се само какво беше Скопје пред да станам градоначалник. Град со мали и тесни улици и булевари, со метеж во сообраќајот и голема нехигиена. Скопје денес прерасна во град со широко булевари, тоа е резултат на нашите дела, на нашата посветена и макотрпна работа за подобри услови во главниот град - рече на митингот кандидатот за градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.
На митингот, свое обраќање имаа и коалиционите партнери, како и носителот на советничката листа.
Викторија Милевска
